МАЏУН - Гроздов слад
Маџунот или уште наречен гроздов слад е концентриран сок од грозје, природен лек и енергенс со оригинален слатко киселкав вкус и арома. Бил добро познат и на нашите предци со благотворно дејство врз човековото здравје.
Одгледувањето на виновата лоза има традиција стара повеќе од 2.000 години, а исто толку е стара и приказната за грозјето и маџунот. Порано, нашите предци немале шеќер во изобилство, бидејќи бил прилично скап, па така слатките и колачите ги поготвувале со маџун. Фактот што со маџун ги хранеле и бебињата зборува за тоа дека многу верувале во неговата лековитост. А денес и науката покажува дека овој начин на исхрана е исклучително здрав. Меѓу познавачите на маџунот позната е изреката дека маџунот од бело грозје е храна, а од црвеното грозје е лек.
Маџунот се добива со варење на гроздовиот сок исцеден од меленото грозје. За 1 килограм маџун се потребни околу 6 килограми грозје. Добиениот сок се цеди со газа и се вари додека не добие густина на мед. По ладењето се собира во стерилизирани тегли или шишиња.
Тој содржи природен антиоксидант ресвератрол, кој спаѓа во групата на полифеноли, го има во лушпата на црното грозје, боровинките и малинките и е одговорен за заштита на крвните садови и одржување на нивната еластичност. Маџунот содржи таква структура на шеќери која е идентична како кај пчелиниот мед, од кои 50 % гликоза (гроздов шеќер) и 50 % фруктоза (овошен шеќер), богат е со хидросолубилни витамини (Б1, Б2, Б6 и Ц), минерали (K, Na, Ca, P, Fe), танински материи, флавоноиди и органски киселини (винска, јаболкова, лимонска).
Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај деца, рековалесценти, постари лица и спортисти. Помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, запек, анемија, болести на кардиоваскуларниот систем, а посебно се препорачува кај луѓе со нарушена функција на црниот дроб поради прележана жолтица, алкохолизам, цироза и прекумерна употреба на лекови.